Очигледна била комуникацијата на советниците од ВМРО- ДПМНЕ во општина Центар со демонстрантите пред бараките – сведочеше на денешното рочиште поранешниот градоначалник Андреј Жерновски за шамарите и насилствата врз него, за кои како нарачател се товари екс- премиерот, Никола Груевски, заедно со уште неколку лица. Според Жерновски, толпата добивала наредби за интензивирање на протестите токму од советниците.
„Се надевам дека мојот исказ ќе придонесе оние кои што се организатори на овие немили настани да одговараат, не само за тоа што го сторија туку за да несе повтори никогаш повеќе“, изјави Андреј Жерновски – поранешен градоначалник на општина Центар.
За Груевски пак, е апсурдно да му се суди нему за, како што вели, неколку скршени прозорци на општина Центар.
„Никој не добил шамар ниту бил направен обид некој да му удри шамар на Жерновски. Ние сме тука со денови со месеци, зошто се скршиле неколку прозорци, додека шарените кршеа и ја запалија канцеларијата на претседателот, при што можеше да изгори зградата во која живеат и граѓани. Но тие поминаа неказнето“ изјава Никола Груевски – претседател на ВМРО- ДПМНЕ
Обвинетиот Груевски не обрнуваше внимание на сведочењето на сведокот Жерновски и гледаше во својот мобилен телефон. На ова реагираше обвинителката Фатиме Фетаи и побара од судијката да забрани користење телефони во судница. По рочиштето таа, наспроти тврдењата на Груевски потенцираше дека тој е обвинет за насилство, а му се заканува казна затвор од шест месеци до пет години.
„Никола Груевски е обвинет за кривично дело насилство. Во обвинението точно е објаснето кој обвинет за кое дело се гони“ изјава Фатиме Фетаи – обвинител во СЈО.







