Да се овозможи во понеделник седница на Парламентот и да се изгласа продолжување на мандатот на советите на општините и на градоначалниците, за да не трпат граѓаните кои што не се виновни што СДСМ сака да си игра деструктивна политика, изјави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
„Веќе половина месец градоначалниците и советите се нефункционални и очигледно е дека од страна на СДСМ се купува време. Нивната деструкција продолжува. Од таа деструкција најмногу губат граѓаните. Граѓанинот е тој што чека потпис од градоначалникот. СДСМ директно за да му наштетат на некој градоначалник всушност наштетуваат на граѓаните“, рече Груевски.
Според него, Заев и СДСМ блефирале дека ќе чекаат прво да го добијат мандатот од претседателот па потоа да преминат кон продолжување на мандатот на градоначалиците, и покрај тоа што двете работи немаат никаква врска.
„Го добија мандатот и оттогаш молчат, се кријат и ги нема никаде. Дури минатата недела кога се собраа партиските претставници го договорија датумот 15 октомври за избори и договорија дека треба да се продолжат мандатите. Се потпиша законското решение, но до ден денеска ниту се закажува седница, ниту се говори за тоа“, изјави тој.







