На одметнатите Горан Грујевски и Никола Бошкоски, поранешните началници во УБК, уапсени во Солун, по потерница издадена од Македонија, денеска се очекува во солунскиот суд експресно да им се суди заради поседувањето на лажните пасоши со кои тие престојувале таму.
Во исказот кој вчера го дале пред судијата побарале да не бидат екстрадирани во Македонија бидејќи стравуваат за својот живот. На распитот, како што пренесуваат грчките медиуми, тие ги отфрлиле сите обвиненија против нив и побарале да не бидат донесени во Скопје бидејќи доколку биле вратени, нивниот живот ќе бил во опасност.
Двајцата беа уапсени завчера на аеродромот во Солун обидувајќи се да излезат од Грција со фалсификувани бугарски пасоши. Грујевски поседувал пасош на име на Христо Атанасов, а Бошкоски бил „скриен“ под името Неџби Хасан.







