Тибетанскиот духовен водач Далај Лама изрази надеж дека претседателите на САД и Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин, меѓусобно ќе се приближат и заедно ќе работат за постигнување глобален мир.
Тој во Њу Делхи изјави дека „светот оди по патот на мирот и ненасилството“ и дека му се потребни „чуствителни лидери“.
Далај Лама, кој речиси шест децении живее во егзил во Индија, во ноември при неговата посета на Монголија, рече дека „не се грижи“ поради изборот на Трамп за претседател на САД и дека “едвај чека со него да се сретне после инаугурацијата“.
Тибетанскиот верски лидер и порано се состануваше со американските претседатели, а со Барак Обама дури четири пати, што предизвика бурни реакции во Пекинг, од каде го обвинуваат Далај Лама за обид за отцепување на Тибет од Кина.
Далај Лама ги негира обвинувањата, тврдејќи дека се залага за поголема автономија на Тибет како составен дел на Кина.
Од 1959 година живее во градот Дармсали на северот на Индија затоа што го напушти Тибет после бунтот против кинеските власти.







