Најдобриот македонски нордиец Дарко Дамјановски е сѐ поблиску да обезбеди четврто учество на Зимските олимписки игри.
Нему потребни му се ФИС поени од уште еден меѓународен натпревар за да ја исполни олимписката норма за учество на зимската олимпијада што следната година ќе се одржи во Појангчанг, во Јужна Кореја.
Тој неодамна, на меѓународна трка што се бодуваше за исполнување на олимписка норма, во силна конкуренција, ја помина пречката.
Во декември лани, во трка на 10 км, Дамјановски се пласира на 38-то место, од 110 натпреварувачи. За пласманот доби 116 ФИС-поени, а од првопласираниот заостануваше помалку од две минути.
Триесет и четиригодишниот Дарко Дамјановски досега учествуваше на три зимски олимписки игри, во Торино во 2006 година, во Ванкувер во 2010-та и во Сочи во 2014-та година.
Тој досега настапи на девет светски првенства, на 50 трки од Светскиот куп, на стотина трки од балкански првенства, редовен учесник е и на традиционалниот Мавровски меморијал, кој се одржува на скијачките терени на планината Бистра, а на неколку трки бил победник.







