Данскиот крал Фредерик неодамна официјално го отвори почетокот на работите на првиот дел од патниот и железничкиот тунел што ќе ја поврзува Данска со Германија. Имено, тие две земји сега се на чекор поблиску до изградба на најдолгата подводна железница и патен тунел во светот. Истиот ќе биде долг 18 километри и ќе поминува под Балтичкото Море, а треба да ја поврзе јужна Данска со северна Германија и да даде важен придонес на еколошката трансформација на транспортниот сектор.
Отворањето на тунелот наречен „Фехмарнбелт“, кое е планирано за 2029 година, ќе го скрати сегашниот 45-минутен премин со траект на само седум минути возење со воз.
Тунелот ќе го поврзе данскиот град Родби со германскиот Путгарден и ќе создаде дополнителни патни и железнички врски меѓу Централна Европа и скандинавските земји.
Кралот Фредерик ја откри плочата на влезот во првата делница од тунелот долг 217 метри, кој подоцна оваа година ќе биде спуштен на морското дно на данската страна.
Од Санд-Белт, компанијата која го гради „Фехмарнбелт“, велат дека тоа ќе биде најдолгиот подводен тунел во светот.
Автомобилите, со возење во четири ленти, ќе можат да го преминат Балтичкото Море за десет, а на возовите за тоа ќе им требаат само седум минути, пишува порталот „Еуроњус“.
Во 2011 година беше одлучено врската помеѓу јужниот дански остров Лоланд и северниот германски остров Фехмарн да биде изградена како подводен тунел.
Работите на данска страна беа нарачани во јули 2022 година, а на германска страна една година подоцна.
Тунелот „Фехмарнбелт“ ќе чини околу 4,8 милијарди евра.







