НАТО ги испрати своите први бродови од Северна Америка кон Европа заради најголемите воени вежби во последните неколку децении, пишува германската агенција ДПА.
Според командата на сојузничките сили во Европа, американскиот десантен брод „Ганстон Хол“ го напуштил вчера пристаништето во Норфолк, во американската сојузна држава Вирџинија, за да го започне своето патување кон Европа.
Канадска фрегата, исто така, наскоро ќе исплови од Халифакс за Европа.
Околу 90.000 војници ќе учествуваат во големата воена вежба наречена „Непоколеблив бранител“ (Steadfast Defender), која ќе трае до крајот на мај.
Командата на Алијансата во белгискиот град Монс објави дека првата голема вежба ќе започне на 11 февруари.
„Сојузот ќе ја покаже својата способност да го јакне евроатлантското подрачје област со трансатлантски транспорти на војници од Северна Америка“, рече вчера командантот на сојузничките сили за Европа, Кристофер Каволи.
Според информациите што ги добила ДПА, сценариото за воената вежба ќе биде руски напад на сојузничка територија, што би потпаднало под член 5 од Северноатлантскиот договор, според кој напад врз една членка на Алијансата се смета за напад врз сите нејзини членки.
Најголемите вежби на НАТО од крајот на Студената војна се одржаа во 2018 година, главно во Норвешка, а на нив учествуваа околу 51.000 војници.
Последните маневри на Алијансата, кои беа поголеми од оние кои се очекуваат оваа година, беа организирани пред распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година.
(Фото: Морнарица на САД)







