Продуцентската куќа „КТ Филм и Медиа“ од Битола и Центарот за култура „Ацо Ѓорчев“ од Неготино оваа и идната недела организираат прикажување на филмови од поновата европска кинематографија.
Станува збор за филмови од француска и швајцарска продукција.
Од денеска до четврток во Центарот за култура во Неготино ќе биде прикажан францускиот документарен филм „Приемен испит“ во режија на Клер Симон. Филмот е снимен во 2016 година и го прикажува секојдневниот живот во престижното француско уметничко училиште „Ла Фемис“, каде се практикува еден специјален идеал на совршеност и еднаквост кој вели: „Сите се еднакви, но само најдобрите можат да бидат примени во ова училиште…“.
Следната недела, пак, ќе се прикажува швајцарската драма „Темна судбина“ во режија на Штефан Хаупт, снимена врз основа на истоимениот роман на Лукас Хартман. Филмот ни кажува за нежна, многу необична приказна за припаѓањето и љубовта, истражувајќи го прашањето за вината и невиноста и илустрирајќи ја бестрашната храброст да се соочиме со сопствената судбина.







