Во зората на шестиот ден од јуни 1944 година, започна најголемата поморска инвазија во историјата.
Стотици илјади британски и американски војници, војската на слободна Франција и илјадници припадници на други народи и нации тоа утро упаднаа во добро утврдените германски позиции на плажите на Нормандија.
Тоа всушност беше почеток на операцијата „Оверлорд“, но токму слетувањето во Нормандија тоа утро, познато како „Ден Д“, беше и остана најпознатиот дел од таа историска битка што го отвори западното бојно поле на европското копно. После тој „Ден Д“, неколку работи беа јасни: дека војната ќе биде безмилосна до крај, но и дека поразот на Германија е неизбежен.
Се разбира, тоа утро сè беше уште неизвесно. Планирањето за она што ќе стане најголемата поморска инвазија во историјата започна уште во 1943 година. Очигледно, сè било планирано во тајност, а сојузничките шпиони се погрижија да го доведат во заблуда германскиот воен естаблишмент и да го наведат на погрешна трага.
На планираниот ден на операцијата времето било далеку од идеално, па се било одложено за 24 часа. Времето сè уште не било идеално, но операцијата морало да се изведе. Секое понатамошно одложување би било предолго поради лунарните промени и промените во плимата и осеката. Било јасно дека доцнењето од неколку дена ќе го зголеми ризикот Германците да дознаат сè, а исчезнувањето на факторот изненадување во голема мера ќе ги намали шансите за успех.
Хитлер знаел дека сојузниците планираат нешто, но не знаел ниту кога, ниту каде. Како командант на германските сили на западот, тој го назначи Ервин Ромел, генерал кој го доби прекарот „Пустинска лисица“ за неговите успешни операции во Северна Африка.
Сојузничкиот десант започна на 6 јуни 1944 година, во 6.30 часот. Осумдесетте километри од брегот во Нормандија се поделени на пет сектори: Утах, Омаха, Голд, Џуно и Сворд. Дувал силен ветер, а штом се приближиле до крајбрежјето, бродовите се нашле под силен митралески оган.
Сојузниците, всушност, првиот ден од операцијата не направиле ништо од она што го замислија. Сепак, го направија најважното – се истоварија и создадоа силно упориште, доволно силно што Германците не можеа да ги избркаат. Тоа беше доволно за добар почеток. Германците имаа меѓу 4.000 и 9.000 мртви. На сојузничката страна, пак, загинаа најмалку 10.000 луѓе.
Во инвазијата во Нормандија учествуваа околу 5.000 бродови, а само на „Денот Д“ плажите ги „запоседнаа“ околу 160.000 сојузнички војници. Ним до крајот на јуни ќе им се придружат уште 875.000 луѓе. До 12 јуни сојузниците ослободија област долга 97 километри, која се протегала 25 километри во внатрешноста.
Иако имаше многу големи битки во светската историја, па и во самата Втора светска војна, 6 јуни 1944 година беше денот кој го промени светот. На тој ден конечно беше отворено западното бојно поле, со што значително била растеретена Црвената армија, која од 1941 година во борбите изгуби милиони луѓе.
„Денот Д“ дополнително го популаризираа бројни филмови и компјутерски игри. Најпознат е секако „Спасувањето на војникот Рајан“ од 1998 година. Самиот поим „Ден Д“ влезе во секојдневниот говор како фраза што означува важен ден во нечој живот.
Уште една година по оваа инвазија траеше Втората светска војна. Германскиот отпор беше жесток, но победата на сојузниците и колапсот на нацизмот по „Денот Д“ беа само прашање на време.