Учебниците по граѓанско образование за осмо одделение и општество за четврто одделение кои се повлечени со решение на министерката за образование и наука не треба да се користат, а Комисијата која работеше на нивно разгледување утврди и други спорни содржини покрај за оние за кои беа поднесени претставки. Ова го соопшти денеска министерката за образование и наука Рената Тренеска Дескоска на прес-конференција на која таа даде отчет за првите 100 дена работа во овој ресор.
Учебниците нема да се користат во наставата, а Бирото за развој до крајот на неделата ќе објави прирачник за наставниците по кои тие ќе предаваат по овие два предмета.
„До мене стигнаа информации дека биле поделени повлечените учебници и тоа е спротивно на решението што го донесов. Повторно ќе бидат испратени укажувања до сите училишта, но сега со посебен акцент за оние за кои имаме сознанија дека постапуваат спротивно на донесените одлуки“, рече Тренеска-Дескоска.
Учебниците беа повлечени поради утврдени дискриминаторски содржини и стереотипи, а по поднесени претставки.
До 15 септември, како што кажа министерката, тече и рокот за пополнување на електронскиот прашалникот кој е доставен до училиштата со цел наставниците да го дадат своето мислење за квалитетот и потребата од промени на учебниците по кои предаваат.
Во однос на учебниците, министерката соопшти дека се разгледува и состојбата со печатењето учебници за потребите на учениците, бидејќи имало ситуации каде училиштатата изразиле потреба на печатење нови учебници поради поголемиот број запишаните ученици.