Новата полска влада на десниот центар предводена од Доналд Туск одлучи веднаш да ги разбие главните лостови на моќта на крајно десничарската партија Право и правда (ПиС) на Јарослав Качински, која ја води Полска од 2015 година.
Една недела по преземањето на власта, парламентот во средата донесе одлука за разрешување на управните одбори на јавните претпријатија, па така и на јавната телевизија ТВП, на Полското радио и на Полската агенција за печат (ПАП).
Качински со претставници на Право и правда се забарикадира во зградата на државната телевизија за да спречи смена на раководството и „да го одбрани медиумскиот плурализам“, а телевизијата за кратко ја прекина програмата.
Одбивајќи да прифати губење на власта, полската десница го окупираше јавниот радиодифузен сервис, објави „Њујорк Тајмс“.
„Нема да им ја предадеме Полска на комуњарите“, извикуваше еден од демонстрантите.
Владата на Туск одлучи да ги смени шефовите на безбедносните служби, обвинети за шпионирање на опозицијата и формираше комисии за истражување на кривични дела од старата влада.
„Врзете ги сигурносните појаси“, објави Туск во вторникот.
Независно од тоа, во средата, двајца членови на ПиС, Мариуш Камински, поранешен министер за полиција и неговиот заменик Мациеј Вашик, беа осудени за кривични дела за време на претходниот мандат на таа партија, од 2005 до 2007 година. Тие велат дека не ја признаваат пресудата и нема да се откажат од пратеничкиот имунитет.
Јавната телевизија отсекогаш била малку наклонета кон владата, но ПиС со доаѓањето на власт во 2015 година воспостави силна контрола врз државните медиуми, заради што Полска значително падна на сите скалила на слободата на медиумите.
Јавните медиуми во голема мера ги фаворизираа ПиС и претседателот Анджеј Дуда, што значително влијаеше на резултатите од изборите во 2019 и 2020 година.
Затоа, враќањето на контролата врз јавните медиуми е приоритет на Туск пред локалните избори напролет и европските избори во јуни, пишува „Политико“.
„Ова е централниот проект на новата влада“, пишува германски „Шпигел“.
Пред два дена, министерот за култура, Бартоломеј Сиенкиевич, ги разреши шефовите на ТВП, полското радио и ПАП. Министерот именуваше нови надзорни одбори, а тие именуваа нови управи.
На дотогашните шефови им беше забранет влез во зградите и беше повикана полиција.
24-часовниот информативен канал на државната телевизија, ТВП Инфо, за кратко престана со емитување, а потоа беше репризирана серија за свештеник кој работи како детектив.
Главниот канал, ТВП1, ненадејно десет минути ја прекина својата програма и на телевизиските екрани имаше само лого на телевизијата.
Каналите ТВП Инфо, ТВП 1, ТВП 3 и ТВП Свет престанаа да емитуваат програма, наведува во својот текст германскиот „Шпигел“.
Претходниот ден, Парламентот усвои резолуција со која го повикува Министерството за култура да преземе решителни чекори за „на граѓаните да им се врати пристапот до веродостојни информации, функционирањето на јавните медиуми и обезбедување независност, објективност и плурализам“.
Спротивно на тоа, претседателот Дуда ги предупреди претставниците „да постапуваат во рамките на Уставот“.
„Ова е одбрана на демократијата. Во секоја демократија мора да има силни антивладини медиуми“, порача во вторникот Јарослав Качински, лидер на ПиС и, де факто, владетел на Полска од 2015 година до изборите на 15 октомври 2023 година, кога победи тричлената коалиција предводена од Туск.
ПиС по победата на изборите во 2015 година, итно тргна да ги смени управата, уредниците и новинарите за кои тие сметаа дека не им се наклонети.
Нивниот аргумент беше дека јавните медиуми се важни како противтежа на приватните медиуми кои ја фаворизираат опозицијата.
Во средата, демонстрантите предводени од Качински се обидоа да спречат смена на врвот на јавните медиуми, обвинувајќи го Туск дека организирал државен удар.
Во краткиот интервал на отпор, порталот на јавната телевизија објави апел за отпор на „илегалниот и незаконски напад на јавната телевизија“.
Борбата за јавната телевизија може да биде увертира во долгата рововска битка на новата влада, која се обидува да ја прекине контролата на ПиС врз бројни државни и јавни институции.
Туск во средата навечер истакна дека новата влада е решена да ги врати „правниот поредок и пристојноста во јавниот живот“.
Полскиот Уставен суд, кој ПиС пред осум години го стави под стопроцентна контрола, минатата недела на барање на претставниците на ПиС, издаде наредба до новата влада да не се менува раководството на јавниот сервис.
Парламентот во вторникот ја игнорираше наредбата на судот и донесе резолуција со која се налага измени во управувањето со полскиот јавен радиодифузен систем, со мрежата на регионални и национални радиски и телевизиски канали, поради, како што истакнаа, „итната потреба“ за враќање на независноста на медиумите кои ги финансира државата.
Порачувајќи дека нема да се откажат од одбраната на „слободата на медиумите“, лидерите на ПиС тврдат дека сега се повторува херојскиот отпор на Солидарност кон комунизмот пред четири децении.
Но, некои поддржувачи почнаа да им вртат грб веднаш по изборите, како познатиот новинар Марцин Волски кој ја обвини полската јавна телевизија за „полоша пропаганда“ од комунистичката.
Неколку најгласни заговорници на политиката на ПиС се тргнаа од малиот екран, како Данута Холечка, водителката на вечерниот дневник, која минатата недела поднесе оставка „после години изнесување гнасотилоци кон Туск и соработниците“, пишува „Њујорк Тајмс“.
Фактот дека проевропска влада повторно ја презеде власта во Варшава радосно беше прославена од многу шефови на држави и влади во Европа, пишува германски „Шпигел“.
Трипартиската коалициска влада на Доналд Туск ќе се обиде да ги поништи антидемократските реформи на поранешната влада, но прашање е колку тоа ќе им појде од рака и колку тие ќе бидат успешни, затоа што ПиС своите луѓе ги инсталираше толку длабоко што самата промена на власта нема да биде доволна за да се прекине нивното влијание.
Најважно би било, велат од Европската унија, во Полска да се врати независноста на судството, а можеби и да се ревидира, де факто, забраната за абортус.







