Португалскиот претседател Марсело Ребело де Соза го пофали денеска капитенот на фудбалската репрезентација на таа земја, Кристијано Роналдо, за кој рече дека е единствен.
„Кристијано е единствен. Шампионатот е престиж за Португалија“, ги пренесе руската телевизија РТ зборовите на Де Соза.
Португалија после две кола има четири бодови, после ремито со Шпанија и тешката победа над Мароко во второто коло од Групата Б на Светското првенство во Русија.
„Натпреварот беше многу, многу тежок, со оглед на тоа дека Мароко играше добро, брзо и разноврсно. Репрезентативците на таа земја беа во многу добра форма. Но, Кристијано даде гол. Голманот Руи Патрисио беше одличен, имаше две извонредни одбрани и помогна во тешките моменти. Можам да кажам дека на Светското првенство нема лесни противници, тешко е да се добие натпревар затоа што сите екипи се добри“, рече Де Соза.
Португалија третиот натпревар на шампионатот го игра на 25 јуни против Иран во Саранско.







