Македонскиот шеф на дипломатијата Никола Димитров синоќа, во пресрет на денешната средба со грчкиот државен врв во Атинa, во интервју за ТВ „Скај“ порача дека не е во Атина за да ја притисне грчката влада, туку да побара поддршка бидејќи Македонија би сакала Грција да биде нејзин најголем сојузник за НАТО и ЕУ.
„Не сум тука за да извршам притисок, тука сум за да побарам помош, поддршка и разбирање. Би сакал Грција да биде најголемиот наш сојузник, бидејќи ние сме соседи, ќе бидеме тука, делиме граница. Затоа би сакал Грција да стане наш сојузник и би сакал да ги уверам народот, премиерот, владата дека навистина можеме да бидеме пријатели“, истакна Димитров.
Димитров изјави дека нема да ги отвори картите за тоа со какви ставови и размислувања за решавање на спорот за името ќе настапат пред грчката влада, но го повтори предлогот Македонија да се зачлени во НАТО и да почне преговори со ЕУ под привремената референца бидејќи е неопходно државата побрзо да се интегрира во овие институции за и Грција да добие сосед кој ќе биде дел од нив.
Шефот на македонската дипломатија апелираше дека двете држави треба да ја остават историјата на историчарите и да работат кон подобрување на сегашноста и иднината, истакнувајќи дека не е мудра политика да се градат билатерални односи врз стари историски теми.
„Новата влада не се согласува со изградените споменици од претходната власт и не би сакале младите генерации во Македонија да растат со идејата дека Грција ни е непријател“, порача Димитров.







