Француските власти уште во март издадоа налози за апсење на извршниот директор на Телеграм, Павел Дуров, и неговиот брат, Николај Дуров, коосновач на апликацијата за размена на пораки, според францускиот административен документ во кој „Политико“, како што наведуваат, ексклузивно имал увид.
Документот покажува дека француската тајна истрага за Телеграм е поширока и дека започнала неколку месеци порано отколку што досега беше познатото.
Случајот се одвива околу одбивањето на Телеграм да соработува со истрагата на француската полиција за сексуална злоупотреба на деца.
Павел Дуров беше уапсен во саботата навечер од француската полиција на парискиот аеродром „Ле Берже“, откако граничните службеници ги предупредиле судските власти дека тој пристигнува со својот приватен авион од Азербејџан.
Неговото апсење предизвика дипломатски бура за француската влада, како и глобално негодување во врска со слободата на говор и одговорноста на платформите на социјалните медиуми за содржината што ја споделуваат нивните корисници.
Налозите за апсење се издадени откако платформата за размена на пораки „не одговорила“ на барањето на судот за идентификување на корисници на Телеграм, се наведува во документот што „Политико“ го добил од лице вклучено во случајот.
Во документот, исто така, се нагласува „речиси непостоечката соработка“ на Телеграм со француските и европските власти во други случаи.
Потерниците за Павел и Николај издадени се на 25 март, заради обвиненија кои вклучуваат „учество во поседување, дистрибуција, нудење или ставање на располагање на порнографски слики на малолетници, во организирана група“.
Француските медиуми претходно известија дека истрагата е отворена во јули.
Налозите биле издадени после тајната истрага за Телеграм која ја водел Одделот за сајбер криминал на обвинителството во Париз, за време на која еден осомничен раскажувал за намамување на малолетни девојчиња да испраќаат „детски порногравски слики од сопствена продукција“, а потоа им се заканувал дека ќе ги објави на социјалните мрежи.
Осомничениот, исто така, им кажал на истражителите дека силувал мало дете, се вели во документот.
Телеграм не одговори на барањето на француските власти да го идентификуваат осомничениот.







