Јапонската компанија за производство на автомобили „Тојота“ повеќе од двојно ја зголеми својата добивка во првата половина од финансиската година, накачувајќи ја со тоа својата деловна прогноза за целата година.
После шест месеци нето добивката запре на 2,590 милијарди јени (16,2 милијарди евра), а приходот беше 21,980 милијарди јени (137,5 милијарди евра), што е речиси за четвртина поголем од истиот период минатата година.
Автомобилскиот гигант очекува да генерира 3.950 милијарди јени (24,7 милијарди евра) нето добивка во фискалната година што завршува во март 2024 година. Првично беше прогнозирана добивка од „само“ 2.580 милијарди јени.
Како што пренесува француската новинска агенција АФП, „Тојота“ бележи исклучителна деловна година, најмногу благодарение на силната побарувачка во Јапонија, Северна Америка и Европа.
Производството, кое минатата година беше оптоварено со проблеми во ланецот на снабдување и со голем недостиг на чипови, закрепна, додава агенцијата.
„Тојота“ во првата половина од годината произведе рекордни 5,06 милиони возила.
Во светот се продадени речиси 5,2 милиони. Како што најавија од компанијата при објавувањето на својот полугодишен деловен извештај, ќе бидат вложени дополнителни 13,9 милијарди долари во фабрика за батерии во Северна Каролина, САД, откако претходно се обврзаа да инвестираат 5,9 милијарди долари.







