Поранешниот американски претседател, Доналд Трамп, поднесе тужба против телевизиската куќа Си-Ен-Ен за клевета, и од нив бара 475 милиони долари отштета.
Трамп во неговата тужба поднесена во судот во Форт Лодердејл, на Флорида, тврди дека Си-Ен-Ен го искористил своето значително влијание за да го порази политички.
Од медиумската куќа се уште не се изјасниле за тужбата.
Поранешниот републикански претседател на 29 страници од тужбата објаснува дека Си-Ен-Ен долго го критикувал, но дека нападите врз него ги интензивирал во последниве месеци, бидејќи планира повторно да се кандидира на изборите во 2024 година.
Во документот се наведуваат примери во кои Си-Ен-Ен го споредува Трамп со Хитлер, вклучувајќи го и прилогот од јануари 2022 година на Фарид Закарија, во кој биле содржани снимки од поранешниот диктатор.
Трамп, кој во 2020 година загуби од актуелниот претседател Џо Бајден, сеуште официјално не ја објавил својата повторна кандидатура.
(Фото: АФП)