Британската полиција вчервечер уапси маж откако се приближил до портите на Бакингемската палата и во дворот на палатата фрлил предмети „кои изгледале како патрони за сачмарка“, соопшти лондонската Метрополитен полиција. Нема извештаи за повредени.
Веднаш по приведувањето, околу 19 часот, пред портите на палатата беше поставен кордон.
„Уапсен е поради поседување оружје“, информираше Скотланд Јард.
Полицијата соопшти дека уапсениот поседувал и сомнителна чанта. По извршена вештачење, превентивно била извршена контролирана експлозија.
Кралот Чарлс Третии неговата сопруга Камила во тој момент не биле во палатата, јави Би-Би-Си, додавајќи дека полицијата се уште е на местото на настанот, а истрагата е во тек.

„Човекот е уапсен под сомнение дека поседувал офанзивно оружје“, се наведува, меѓу другото, во полициското соопштение доцна вечерта.
Апсењето се случи во моментот кога полицијата и безбедносните служби се подготвуваат за крунисувањето на кралот Чарлс Трети во сабота, кога на улиците на Лондон треба да се соберат многу луѓе, а на свечената церемонија ќе присуствуваат лидери на многу земји.
Чарлс Трети (74) стана крал по смртта на неговата мајка Елизабета Втора, во септември минатата година. Тогаш стана и шеф на 14 држави од Комонвелтот, вклучувајќи ги Австралија, Канада и Нов Зеланд.
(Фото: Па Имиџис / Профимедиа)







