Учителка која фрлила молив на ученик во француско основно училиште сега се соочува со можно кривично гонење, но станува и симбол на лошата состојба на образовниот систем.
Синдикатите на учителите и наставниците изразија незадоволство од системот откако полицијата ја повика на испрашување учителката на која и се земени отпечатоци од прсти, откако е покрената истрага поттикната од тужбата од родителите на момчето.
Неименуваната учителка побарала помош од локалните образовни власти, за да добие само укор.
Веднаш откако излегла од канцеларијата каде што бил разговорот кој траел повеќе од еден час, учителката се онесвестила на скалите на полициската управа и морала да биде однесена во болница.
Инцидентот во основното училиште „Виктор Иго“ во Граулет, југозападна Франција, се случил на почетокот на октомври кога учителката им рекла на учениците дека ако сакаат да споделат гума за бришење со соученик, треба да ја однесат наместо да ги фрлаат низ училницата и со гумичките да се гаѓаат.
Употребила молив за да ја илустрира разликата помеѓу „давање“ и „фрлање“.
Откако го фрлила моливот, тој се одбил од масата и го погодил ученикот во лице, удирајќи му ги наочарите. Немало ниту физичка ниту материјална штета, но родителите одлучиле да поднесат тужба, тврдејќи дека ученикот бил жртва на насилство. Тужбата доведе до полициска истрага. Обвинителите сега треба да одлучат дали ќе поднесат обвинение или не.
Скандалот со учителката се случи во време кога француската влада на Емануел Макрон се бори со недостиг од учители во образовниот систем.
Нивните плати се релативно мали. Просечната плата на улител со 15-годишно искуство во Франција е 36.600 евра во споредба со 78.500 евра годишно во Германија. Работните услови се сè потешки со оглед на губењето на почитувањето и недостатокот на сигурност по насилствата во училиштата и терористичките напади. Само 42.000 луѓе минатата година го положија државниот испит за занимање – учител, во споредба со повеќе од 100.000 во 2017 година. Тоа ја принуди владата да вработи 35.000 учители без формално образование на наставни места.
Томас Вердие, секретар на огранокот на синдикатот на наставниците ФСУ-СНУ, во изјавата рече дека на учителуте им „е доста од се“, што, вели, се гледало од бројот на оставки и недоволниот број пријавени.
„Сè повеќе, учителите од разговорите со нивните претпоставени излегуваат исцрпени, доведувајќи го во прашање нивниот професионализам. И само опомена е многу за учителката кој за петнаесет години пракса никогаш немал ниту најмал проблем“, истакна Вердие.
Во понеделникот и вторникот, учителите и наставниците учествуваа во штрајк, во знак за поддршка на пријавената учителка.
(Фото: Илустрација)







