Судот за човекови права во Стразбур им забрани на унгарските власти да префрлат осум тинејџери и една трудница од кампот за азил, во близина на Будимпешта, во транзитната зона долж унгарско-српската граница, каде што би биле задржани во притвор, соопшти Унгарскиот хелсиншки одбор.
Процедурата минатиот петок ја покрена овој одбор во врска со стапувањето на сила на новите гранични прописи во Унгарија, според кои „очигледно загрозените клиенти на кои им е потребен посебен третман“ можат да бидат префрлени од отворени кампови во затворени објекти во, како што се нарекува, транзитната зона.
Во својата пресуда, судот во Стразбур побара од унгарската влада до 10 април да одговори на прашањата кои и ги испрати, а се однесуваат на временски одредници и правна основа за такви транфери на мигранти, наведува Комитетот во соопштението.
Унгарија соопшти дека е подготвена да почне со затворањето на барателите на азил во кампови на својата јужна граница со Србија, откако во март го усвои законот за тоа кој предизвика критики од групите за заштита на човековите права и ОН.
Од пред два дена, барателите на азил кој ќе влезат во Унгарија, како и оние кои ќе влезат во таа земја, ќе бидат затварани додека барањата не им бидат обработени и на нив не им биде одговорено, позитивно или негативно.
„Службите за заштита на границите во целост се подготвени за стапување на сила на засиленото легално затварање на границата од 28 март“, соопшти унгарското Министерство за внатрешни работи.









