Акциите на европските берзи, вчера, главно беа стабилни откако британската влада официјално покрена процедура за излегување од Европската унија која ќе трае две години
Европските берзи едвај вчера да тргнаа кога британскиот амбасадор во Европската унија лично го предаде во Брисел писмото за Брегзит, оценува агенцијата Франс прес.
Лондонскиот индекс на акции ФТСЕ 100 во попладневните часови стагнираше на 7.342,23 поени, франкфуртскиот ДАКС 30 порасна за 0,4 отсто, на 12.202,18 поени, а парискиот КАК 40 за 0,1 отсто, на 5.051,83 поени.
Девет месеци после изненадувачката одлука на Лондон да истапи од унијата, британската премиерка Тереза Меј и официјално го активираше членот 50 од лисабонската спогодба, што значи дека Британија би требала да го напушти блокот во 2019 година.
На валутните берзи, фунтата скокна од нивото од 1,2448 долари на 1,2478, во однос на претходниот осумдневен минимум од 1,2377 долари, откако беше потврдено дека писмото во врска со членот 50 е предадено на претседателот на Европскиот совет, Доналд Турск, јавува Ројтерс.
Еврото ослабе на 1,0757 долари од 1,0785 долари, а доларот „падна“ на 11,82 јени од 110,98 јени.
Волстрит го почна тргувањето во пад.
По само петнаесет минути од отварањето на берзата, индустрискиот индекс Дау Џонс падна за 0,3 отсто, на 20.646,39 поени, широкиот СиП 500 за 0,2 отсто, на 2.353,58 поени, а технолошкиот Насдак за 0,1 отсто, на 5.873,33 поени.
Во Азија, токискиот индекс Никеи скокна за 0,1 отсто, хонгкошкиот за 0,2 отсто, а шангајскиот падна за 0,4 отсто, наведува АФП.







