Стапката на инфлација во Германија благо порасна во јануари, покажаа денешните прелиминарни податоци на заводот за статистика, сигнализирајќи застој во попуштањето на инфлацијата.
Годишната инфлација во Германија во јануари изнесуваше 8,7 отсто, покажува индексот на потрошувачки цени на „Дестатис“, базиран на моментално достапните податоци.
Во декември минатата година таа изнесуваше 8,6 отсто.
Оценката на Дестатис сигнализира застој во попуштањето на инфлацијата, која во октомври достигна највисоко ниво од обединувањето на Германија, од 10,4 отсто.
Во ноември таа падна на 10,0 отсто, а во декември беше 8,6 отсто.
Во однос на декември, цените во првиот месец од годинава пораснале за еден процент, пресметаа статистичарите. Во декември тие се намалија за 0,8 отсто.
Изразено преку хармонизираниот индекс на потрошувачки цени, кој се користи за споредба на членките на ЕУ, годишната стапка на инфлација прелиминарно изнесуваше 9,2 отсто и беше за 0,4 процентни поени пониска од декември, покажуваат пресметките на „Дестатис“.
На месечно ниво, овој индекс бележи пораст на цените во јануари за 0,5 отсто. Во декември, пак, тие паднаа за 1,2 отсто.







