Народната банка ги ревидираше проекциите за тоа како ќе ја завршиме годината. Се предвидува дека растот ќе биде на ниво од 1,9 % , а инфлацијата од 9,5 %. Банката претходно предвидуваше економски раст од 2,1 % , а просечна годишна инфлација меѓу 8 и 9 отсто.
Македонската економија, според проекциите, бавно заздравува поради кризите.
Пооптимистички сценарија Народна Банка има за идната година каде се проектира раст од три проценти и инфлација од 3,5 до четири проценти. Дури во 2025 и во 2026 година, се предвидува, растот да достигне четири проценти, а инфлацијата да падне на само два отсто.
Со оглед на повисоките годишни стапки од почетокот на годината, просечната инфлација за периодот јануари ‒ октомври изнесува 10,7%. Во натамошниот период се очекува нејзино дополнително забавување, за на крајот на декември на годишно ниво таа да изнесува околу 9,5%.
„Инфлацијата во 2024 година значително ќе се намалува, до 3,5% ‒ 4% во просек, а понатаму ќе се сведе на околу 2%“, порача Гувернерката на Народната Банка, Анита Бежоска Ангеловска.
Статистички, инфлациајта во октомври е на ниво од 3,5 %, а тоа меѓу другото се должи и на затегањето на монетарната политика.
Од 2021 до сега Централната банка ја ревидираше 14 пати каматната стапка. Доколку се укинат пак мерките за замрзнати цени, кои во моментов се на сила, постои опасност за враќање на цените на старо како и за притисок врз инфлацијата и ново подгревање.
Остануваат и предизвиците во однос на тоа што најголемиот трговски партнер на Македонија, Германија, прогласи рецесија. Тука е и неизвесноста поради глобалните случувања, Руско – Украинската војна и нападот на Израел на појасот Газа.
Девизниот курс е стабилен и така се очекува да се задржи. Девизните резерви во моментов изнесуваат 3,9 милијарди евра или 28 % од БДП.







