Поранешниот премиер на Малезија, Наџиб Разак, кој е обвинет за вмешаност во повеќемилионска измама на државниот инвестициски фонд, пуштен е денеска од притвор со кауција.
Наџиб на новинарите им изјави дека е невин и дека му се дава прилика да си го исчисти образот.
„Уверен сум во својата невиност, верувам во својата исправност… Ако е ова цената што морам да ја платам за 42 години колку што им служев на народот и на државата, подготвен сум“, нагласи тој.
Бившиот премиер претходно пред судот се изјасни дека не се чуствува виновен.
„Барам судење“, рече после изјаснувањето шеесет и четиригодишниот Наџиб.
Судот одреди кауција за поранешниот премиер од 250.000 долари и му наложи да ги предаде своите два дипломатски пасоши.
Новиот генерален обвинител на Малезија, Томи Томас, изјави дека овој случај на проневера привлече светско внимание и ја посрамоти државата. На тие коментари реагираше адвокатот на Наџиб, нарекувајќи ги „бесмислици“.
Наџиб ја обвини владата на Малезија дека врши „политичка освета“.
Неколку часови после апсењето, тој на социјалните мрежи објави видео снимка на која им се извини на Малезијците.
„Како нормално човечко суштество не сум совршен, но верувајте ми дека обвиненијата против мене и моето семејство не се точни“, порача тој.
Единицата која ја истражува кражбата и перењето пари од државниот фонд соопшти дека апсењето на поранешниот премиер е поврзано со сомнителен трансфер од 42 милиони рингити (10,6 милиони долари) преку повеќе посреднички компании на негова банковна сметка.
Полицијата, исто така, заплени накит во вредност од повеќе од една милијарда рингити (над 272 милиони долари) од недвижности поврзани со Наџиб.
Судењето на поранешниот премиер на Малезија е закажано за 18 февруари следната година.
(Фото: Франс прес)








