Турција и Србија се двете клучи земји за Балканот и нивната соработка е од суштинско знаење за одржување на мирот, стабилноста и просперитетот на Полуостровот и во Европа, наведува турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган во авторскиот текст за весникот „Политика“ објавен по повод неговата посета на Белград.
„Врските меѓу Турција и Србија се силни и со длабоки корени. Во долгата историја на тие територии Турците и Србите живееја заедно. И денес можат да се забележат траги од нашата заедничка историја во јазикот, архитектурата, кујната, културата и многу други области, посочи Ердоган.
Според турскиот претседател, иако немаат заедничка граница, Турција и Србија „се сметаат за соседи, а тајната е скриена токму во тие блиски врски“.
„Несомнено, соработката е неизбежна и поради геополитичката позиција на две земји. Заедничката историја носи и одредена чувствутелност и некои различни разбирања кои се однесуваат и за Турција и за Србија, пишува турскиот претседател.
Тој наведува дека Анкара не гледала и нема да гледа на тие разлики како на пречка за соработката со Белград.
„Во согласност со нашите заеднички цели ние се обидуваме да ги продолжиме билатералните односи преку конструктивен пристап и искрен дијалог, нагласува Ердоган.
Тој се осврнува и на трговско-економските односи меѓу двете земји, забележувајќи, дека пристигнувањето на „Халкбанк“ на српскиот пазар во 2015 година бил еден од факторите за зголемувањето на интересот на турските бизнисмени за Србија, кои и денес даваат работа на речиси 8.000 лица во земјата.
„Се надевам дека догодина нивниот број ќе биде двојно поголем, истакнува Ердоган.
Трговската размена меѓу двете земји е во пораст од 2010 година, а во 2016 година достигна речиси 790 милиони евра, посочи Ердоган, констатирајќи дека економскиот потенцијал на двете земји е значително над тоа ниво, изразувајќи надеж дека размената наскоро ќе надмине една милијарда евра.
„Освен трговијата и економијата, се развиваат и односите меѓу народите, особено туристичката размена меѓу двете земји. Денес Турција е една од најпосетуваните дестинации од страна на српските туристи, а се зголемува и бројот на турски туристи во Србија, наведе Ердоган.
Од друга страна пак, реонот на Санџак, област во југозапана Србија населена претежно со муслимани што Ердоган ќе ја посети утре, според него, е уште еден мост на пријателството меѓу Анкара и Белград.
„Тоа што српската Влада ја стимулира Турција да инвестира во Санџак е за пофалба. Тој чекор на српската администрација е важен, како за билатералните односи, така и за иднината на нашиот регион, истакна Ердоган.
Според него, како и многу региони во светот, така и Балканот е принуден секојдневно да се справува со нови предизвици и проблеми. – Ниту една земја не може да се бори сама со тоа, наведе турскиот претседател, додавајќи дека „клучот за успехот“ е зајакнувањето на соработката и солидарноста.
„Турција и Србија треба да ги искористат сите средства и механизми за постигнување на таа цел. Мислам дека оваа посета е клучен чекор во таа насока и јас сум многу задоволен што ја гледам истата волја и кај српското раководство, заклучи Ердоган.
Турскиот претседател допатува синоќа во дводневна официјална посета на Србија, а на аеродромот во Белград го пречекаа неговиот српски колега Александар Вучиќ, премиерката Ана Брнабиќ и членови на Владата на Србија.
Ердоган пристигна во Белград со голема делегација составена од 185 бизнисмени и осум турски министри.
Официјалните разговори на Ердоган почнуваат денеска со тет-а-тет средба со Вучиќ, по што тие ќе одржат заедничка прес-конференција.
Потоа следуваат средби на двете делегации и потпишување на неколку договори меѓу Србија и Турција.







