Барањата за азил во земјите од Европската унија (ЕУ), како и во Норвешка и Швајцарија, во првата половина на 2023 година се зголемени за 28 отсто во однос на истиот период од претходната година, соопшти денеска Агенцијата за азил на ЕУ.
Од јануари до крајот на јуни во овие 29 земји биле поднесени околу 519.000 барања за азил, објави агенцијата, проценувајќи дека до крајот на годината може да има повеќе од еден милион.
Најмногу баратели на азил, 44 отсто од вкупниот број, доаѓаат од Сирија, Авганистан, Венецуела, Турција и Колумбија.
Овој број на барања за азил не е регистриран од 2015 и 2016 година, кога голем број бегалци пристигнаа во Европа бегајќи од конфликтот во Сирија.
Бројот на барања за азил достигна 1,3 милиони во 2015 година и 1,2 милиони во 2016 година. Во 2022 година ги имало 994.945.
Германија е земјата која примила најмногу барања: 30 отсто од вкупниот број и речиси двојно повеќе од Шпанија (17 отсто) и Франција (16 отсто).
Агенцијата посочува дека поради ова зголемување, многу европски земји се „под притисок при обработката на барањата“ и дека бројот на случаи кои чекаат одлука е зголемен за 34 отсто во споредба со 2022 година.
Во моментов, околу четири милиони Украинци кои се варосани по руската инвазија имаат привремена заштита во ЕУ.







