Европската унија е многу блиску до финализирање на спогодбата за слободна трговија со Јапонија и верува дека до крајот на годинава ќе постигне договор за клучните елементи и со Мексико и со латиноамериканскиот блок Меркосур, изјави денеска европската комесарка за трговија Сесилија Малмстрем.
„Многу сме блиску до финализирање на трговската спогодба со Јапонија. Останаа уште многу малку технички детали. Ако се оди по планот, би можеле да го заклучиме оваа година“, рече Малмстрем на конференцијата за новинари.
ЕУ и Јапонија во јули се договорија за насоки на трговската спогодба, која би го отворила европскиот пазар за јапонски автомобили и авто-делови, а јапонскиот пазар за млечни производи од Унијата.
Комесарката, исто така, изјави дека следната рунда преговори меѓу Европската унија и Мексико за трговска спогодба ќе се одржи во Брисел на 18 декември, и изрази надеж дека преговорите ќе бидат заклучени пред Божик или некој ден подоцна.







