Европската унија одлучи да и зададе нов даночен удар на тутунската индустрија преку предлог за зголемување на најниската можна акциза.
Овој потег на ЕУ значително ќе ја зголеми вкупната цена на цигарите во источноевропските членки, каде некои цигари се уште може да се купат по цена под 3 евра.
Најголеми поскапувања се очекуваат во Бугарија, Словачка, Полска и Унгарија.
Администрацијата на Унијата предвидува зголемување на минималната можна акциза за цигарите од 1,8 на дури 3,6 евра за кутија од 20 парчиња.
Тоа значи дека целиот асортиман на тутунски брендови драстично ќе поскапи, што ќе биде придонес на Европската комисија за инфлацијата и за одобрување на општата здравствена слика.
Новите решенија на ЕУ предвидуваат и новитети во оданочувањето на различните тутунски производи како што се „испарувачите“ или „загреаниот тутун“.
Поради растот на популарноста кај помладите делови од населението, оданочувањето на овие производи ќе биде поблиску до оданочувањето на цигарите.
Посилните „испарувачки“ тутунски производи ќе имаат минимална акциза од 40 отсто, а послабите до 20 отсто. А, пак, производите со „загревачки тутун“ ќе добијат акциза од 55 отсто – ќе плаќаат 91 евро за илјада продадени единици.
Се очекува дека зголемувањето на акцизите за тутунските производи ќе ги зголеми приходите на земјите-членки на Унијата, за 9,3 милијарди евра.
Оние кои го поддржуваат овој потег не кријат дека целта им е цената на тутунските производи барем да биде во чекор со инфлацијата.
Идејата е до 2040 година да има генерација „без тутун“, а пред тоа целта е бројот на корисници на цигари да се намали од 25 на 20 отсто веќе до 2025 година. Во 2040 година бројот на пушачи треба да биде под 5 проценти.







