Претставници на Европската унија вчера и се заканија на социјалната мрежа ТикТок со далекусежни санкции затоа што дозволува ширење на штетна содржина.
Европската комисија го предупреди извршниот директор на ТикТок, Шоу Џи Чеј, дека компанијата мора веднаш да почне да се придржува до правилата на Унијата или ќе се соочи со санкции.
„Не е прифатливо зад навидум забавните и безопасни можности, корисниците да можат за само неколку секунди да пристапат до штетна, а понекогаш дури и опасна по живот, содржина“, истакна вчера комесарот на Комисијата, Тиери Бретон по разговорот со Џу.
Тој додаде дека е загрижен и поради тврдењата дека новинарите се шпионираат и дека личните информации се испраќаат надвор од Европа.
ТикТок се соочи со низа проблеми за време на својот брз раст до конкурентските социјални платформи во сопственост на Мета и Јутјуб, главно поврзани со сигурноста и благосостојбата на своите многубројни малолетни корисници.
Интернетската платформа ТикТок, во сопственост на кинеската компанија „Бјутиденс“, долго време е предмет на критики заради слабата заштита на податоците на своите млади корисници.
Исто така, постојат стравувања дека кинеската држава би можела да има пристап до податоците на ТикТок, што платформата го негира.
„Нема да се двоумиме да ги воведеме сите можни санкции доколку контролите не покажат целосна усогласеност“, рече Бретон, потсетувајќи ги наводите во европскиот Акт за дигитални услуги.
Новиот закон на ЕУ дозволува и забрана за давање услуги во Унијата во случај на повторени сериозни прекршувања на правилата што го загрозуваат човечкиот живот или безбедност.







