Украина го прекина големиот руски напад со дронови, соопштија воздухопловните сили на земјата, тврдејќи дека собориле 34 од 35 ирански беспилотни летала. Дроновите биле испратени во неколку наврати, а нивна цел биле 12 различни региони во период од седум часа на 20 декември доцна во ноќта.
Еден дрон, меѓутоа, поминал низ одбраната на украинското воено воздухопловство.
„Киев Индипендент“ јавува дека по нападот со дрон, една станбена зграда останала во пламен.
Станува збор за зграда во киевската населба Соломијански чии горни катови биле целосно уништени. Информацијата ја потврди градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко.
Кличко, исто така, извести и за напад со дрон врз приватна куќа во областа Дарнички на источниот брег на реката Дњепар, која минува низ градот.
Објавена е снимка од моментот кога дронот „Шахед“ удрил во зградата во Киев.
Шефот на киевската воена управа, Серхи Попко, извести дека остатоци од соборен дрон погодиле станбена зграда во областа Холосивски, јужно од центарот на градот.
Овој напад доаѓа после тврдењата на Главната разузнувачка агенција на Украина дека руските трупи се борат со глувчешка треска, болест која предизвикува крварење од очите, повраќање, висока температура и главоболки.
На Телеграм е објавено дека во единиците на руската војска расте незадоволството поради несоодветното снабдување со зимски потребштини и целосен недостаток на медицинска помош.
(Фото: Украинска војска / Телеграм)







