Фудбалерот на Атлетико и португалски репрезентативец Жоао Феликс би можел до крајот на сезоната да игра како позајмен играч во лондонски Арсенал, пренесува британски „Мирор“.
Раководството на Арсенал, наводно, е подготвено на Атлетико да му плати обештетување од 13 милиони фунти за шестмесечната позајмица на португалскиот фудбалер.
Дваесет и тригодишниот Феликс пристигна во Атетико од Бенфика за 127 милиони евра, но во мадридскиот клуб не покажа игри какви што се очекуваа од него. Португалецот за Атлетико одигра 130 натпревари и постигна „само“ 34 гола.
Тој неодамна дојде во конфликт со тренерот на Атлетико, Диего Симеоне, кој сака до крајот на зимскиот преоден рок да го продаде португалскиот фудбалер или да го испрати на позајмица во друг клуб.
Менаџерот на Арсенал, Микел Артета, смета дека Феликс би бил идеално засилување за лондонскиот клуб кој се бори за титулата во Премиер лигата.
„Топџиите“ не можат да сметаат на првиот напаѓач, Бразилецот Габриел Жезус, кој е повреден.
Арсенал моментално е на првото место во табелата во Премиер лигата, со пет бода повеќе од Манчестер Сити.
(Фото: ЕПА)







