Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денес присуствуваше на завршната конференција на Мрежа 23, насловена, „Поглавје 23: Пандорина кутија или клуч за добро владеење“, во организација на Институтот за европски политики и Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Учество на оваа завршна конференција зедоа и вицепремиерот Бујар Османи и министерката за правда, Рената Дескоска.
Во своето обраќање пред присутните гости на конференцијата, премиерот Заев рече дека реформите во правосудството и борбата против корупцијата во земјите кои влегуваат во преговарачкиот процес со ЕУ, се високо на агендата на Европската Комисија.
„Нам, како земја која влезе во овие реформи, и како земја која доби чиста препорака и очекува датум за старт на преговорите, ни е сосема јасно дека ниту Европската Комисија ниту земјите-членки на ЕУ нема да прифатат половично реализирани реформи.
Крајно, и најбитно, ни нам не ни се потребни половично реализирани реформи. Напротив, зборуваме за коренити промени“, изјави премиерот.
Тој, уште и нагласи дека токму корупцијата и бруталното кршење на човековите права преку злоупотреба на државниот апарат, беше она што нè извади, и против кое заедно излеговме на улиците, и дека сега е време, како што рече во своето обраќање, истата желба, истата енергија да ја демонстрираме во институциите.
„Владата на Република Македонија, судиите и судската администрација, борците против корупцијата во независните контролни агенции и невладини организации, борците и активистите за човекови права, граѓаните на нашата земја – сите ние, треба докрај да ја отвориме кутијата на правосудството, без разлика дали е Пандорина, и храбро и отворено да продолжиме со реформите. Само така можеме да градиме држава по европски правила, без разлика колкав е отпорот кон новите демократски промени“, дополни премиерот Заев.
Тој исто така нагласи дека ефективното, квалитетно и правично владеење на правото, е средишен постулат на начелото на хуманиот и одржлив развој на македонското мултикултурно општество.
„Република Македонија мора да биде средина со нула толеранција за корупција. Законскиот пакет од оваа област мора да биде сеопфатен и ефикасен: За да се алармираат коруптивните активности, конфликтите на интереси, злоупотребата во финансирањето на политички партии и изборните кампањи. Мора да обезбедиме поголеми ингеренции за максимална ефикасност на Државната комисија за спречување на корупцијата“, подвлече тој.
Премиерот Заев, во оваа прилика, ги повика граѓанските организации, членки на Мрежа 23, но и останатите чинители во граѓанскиот сектор, на проактивност во борбата против корупцијата и борбата за правично и стабилно правосудство, која борба, како што рече премиерот, мора да се случува и од внатре и надвор од институциите.
„Вклучете се! Влезете храбро во оваа борба заедно со нас! Владата ви е партнер, која ги отвори вратите широко, а на вас е да ја употребите секоја експертиза и знаење. Заедно да изградиме систем, во кој ќе има нула толеранција на корупцијата и нула толеранција за кршење на човековите права“, истакна премиерот во повикот до граѓанскиот сектор.
Министерката за правда, пак, Рената Дескоска, рече дека борбата против корупцијата е прашање на кое секоја земја ја покажува способноста за ефикасно спроведување на донесените закони, како при превенцијата, така и при казнувањето на корупцијата.
„Секој чекор во имплементацијата на Поглавјето 23 во Република Македонија е чекор напред во јакнење на правната сигурност и довербата на граѓаните во судскиот систем и во правната држава“, истакна во своето обраќање министерката за правда, Дескоска.
На конференцијата свое обраќање имаше и Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи.
Во своето обраќање Османи посочи на успешната реализација на Планот 3-6-9, која резултираше со еден од најдобрите извештаи на Европската Комисија досега. Тој посочи дека самиот Извештај ја покажува и подготвеноста на земјата за почеток на преговори, имајќи предвид дека во клучните области, како што се политичките и економските критериуми, но и според усогласеноста со т.н. „Аки“ (aqcuis), т.е. степенот на усогласеност со европското законодавство, Македонија ги предводи земјите од регионот, дури и оние кои веќе подолго време преговараат.
„Со имплементацијата на Планот 3-6-9 не завршија реформските процеси, туку напротив, се создадоа услови за уште подлабока имплементација на долгорочните и суштински реформи во општеството. Реформи кои се дел и од новиот реформски План 18 на Владата, и кои се секако најмногу насочени кон приоритетните области – правосудство, владеење на правото, реформа на јавната администрација“, истакна Османи, најавувајќи го притоа Планот 18 како реформски пакет кој треба да го премости периодот од препораката на Европската Комисија до фактичкиот почеток на преговорите за полноправно членство во Европската Унија.







