Лидерот на СДСМ и мандатар на новата македонска влада, Зоран Заев вечерва во Брисел имаше билатерална средба со високата претставничка на ЕУ, Федерика Могерини.
Со Могерини разговарале за регионалните проекти, за поддршката за инфраструктурните проекти, за отворените билатерални прашања кои постојат, а би биле пречка за унапредување на земјите и најважно, да се зајакне соработката.
По средбата со Могерини, Заев присуствуваше на заедничка вечера со премиерите на државите од Западен Балкан.
Мандатарот Заев е поканет да ја претставува Македонија на неформална вечера на премиерите на шесте балкански држави со Могерини во Брисел.
Заев, вечерва од Брисел го најави формирањето на новата Влада.
„Можам да кажам дека со сите партии освен БЕСА сме многу поблиску и за кадри и за ресори. Со БЕСА се уште разговараме за тоа. Ќе се обидеме до крајот на неделата да испратиме предлог до Собранието“, рече Заев.
Тој напомена дека доколку во петок се достави предлог до Собранието, на почекотот на наредната недела Македонија треба да има нова Влада.
На денешната средба присуствуваат и премиерите на Србија, Александар Вучиќ, на Црна Гора Душко Марковиќ, Еди Рама на Албанија, Иса Мустафа на Косово и Дениз Звиздиќ од Босна и Херцеговина.








