Тој беше гениј кој го маѓепса светот. Виртуоз со фудбалската топка. Легенда. Напаѓач каков што светот не памети, откако ја измислија „најважната споредна работа на светот“ – откако почна да се игра фудбалпа до сега.
Едсон Арантес до Насименто, или онака како што сите го знаеме – Пеле, со својот стил на игра остави длабок печат во фудбалскиот свет. Беше извонреден напаѓач. Со својата маестрална игра, со својата техника, со леснотијата со која ги постигнуваше головите ги одушевуваше фудбалските навивачи ширум светот.
Пеле беше првата фудбалска суперѕвезда. Тој е единствениот фудбалер кој три пати освојуваше титула светски првак. Беше избран за најдобар фудбалер во светот, а прогласен и за спортист на 20. век.
„Пеле е бесмртен, Едсон не се плаши од стареење, не се плаши од умирање“, рече кралот на фудбалот во едно интервју.
Едсон Арантес до Насименто – Пеле е роден на 23 октомври 1940 година. Името, велат, го добил во чест на американскиот пронаоѓач Томас Едисон. Но, нејасно е како го добил прекарот.
Со само 15 години, Пеле во 1956 година потпиша договор со Сантос, а на натпреварот на кој дебитираше во првата лига го постигна и својот прв гол. Со само 16 години и 257 дена дебитираше за селекцијата на Бразил, во мечот против Аргентина (1:2). Единствениот гол за бразилците го постигна токму тој.
На Светското првенство во Шведска, што беше негов прв Мундијал, на четири меча постигна шест голови, со што даде значаен придонес за освојување на светската титула, прва титула за Бразил.
Бразилската влада го прогласи за „национална светост“. И му забрани на клубот да му дозволи заминување во странство. Имаше само 20 години.

На Мундијалот во Чиле, во 1962 година, Пеле речиси и не заигра. Се повреди во вториот натпревар и до крајот на првенството беше на трибините. Четири години потоа, во Англија, Бразил испадна веќе во групната фаза.
Но, затоа во 1970 година во Мексико, Пеле го доведе својот тим на победничкиот трон.

Од репрезентацијата замина со 92 настапи за неа. Последен пат за бразилскиот состав настапи на триесетгодишна возраст, на преполнетата „Маракана“, пред 180.000 гледачи, против селекцијата на Југославија. Во националниот дрес постигна вкупно 77 голови.
Колку точно натпревари одиграл и колку голови постигнал за Сантос, денес никој со сигурност не може да каже. Официјалните податоци се дека дал 1.088 голови во 1.114 настапи. Неговиот илјадити гол е оној од белата точка на средбата против Васко де Гама на 19 ноември 1969 година.
Фудбалската кариера ја заврши во 1977 година, после настапите за Космос од Њујорк.
Пеле, дефинитивно, е најдобар играч на сите времиња. Тој доминираше со фудбалот повеќе од 20 години.
Кусо време беше и во политиката во Бразил. Во 1984 година стана првиот министер со темна боја на кожата. Беше именуван за вонреден министер задолжен за спорт. Но, политичката кариера му траеше многу помалку од онаа фудбалската, само четири години.
Подоцна извршуваше должност на спортски амбасадор на својата земја во ОН и УНИЦЕФ.
Замина кралот, замина легендата на фудбалот – замина Пеле.







