Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денес оствари средба со претседателот на Уставниот суд на Република Македонија, Никола Ивановски.
На средбата Иванов, како што соопштија од неговиот кабинет, истакнал дека досега постапувал исклучиво во рамки на своите права, должности и надлежности, почитувајќи го Уставот на Република Македонија.
Претседателот Иванов посочил дека и во однос на актуелната ситуација ќе постапува во согласност со уставните одредби и ќе постапува исклучиво во интерес на државата и на граѓаните на Република Македонија.
Средбата со претседателот на Уставниот суд следува по вчерашната најава од Иванов дека ќе почне консултации со надлежни институции и политички партии во врска со формирањето новата влада.
Македонскиот претседател имал средба и со Самуел Жбогар, шеф на делегацијата на Европската унија во Република Македонија, на која се разговарало за актуелната политичка ситуација во земјата и за ставот на ЕУ.







