Германскиот производител на автомобили „Фолксваген АГ“ вчера соопшти дека ќе инвестира една милијарда евра во Јужна Америка до 2026 година, како дел од своите напори да постигне значителен раст во регионот.
Се очекува јужноамериканскиот автомобилски пазар да расте за 11% годишно до 2030 година, што го прави еден од најбрзо растечките пазари во светот.
До 2027 година, главниот производител на автомобили планира зголемување од 40% во Бразил, најголемиот пазар во регионот.
Компанијата очекува дека трансформацијата кон чисти е-погони во Бразил ќе биде помалку динамична отколку во Европа – вкупниот удел на чисти батериски електрични возила (БЕВ) во 2033 година на бразилскиот пазар се проценува на околу 4%.
Меѓутоа, „Фолксваген“ планира да расте побрзо од пазарот во БЕВ сегментот.
Сè додека пазарот не биде целосно електрифициран, „Фолксваген“ ќе се потпира на алтернативни погони.
На пример, сите нови модели произведени во регионот и понатаму ќе можат да работат на 100% биогориво.
„Фолксваген“ е најголемиот бразилски производител на автомобили, кој за 70 години произведе вкупно 25 милиони возила, од кои 4 милиони се извезени.
Компанијата ги произведува моделите „поло“, „виртус“, „нивус“, „таос“ и „Т-крос“, во четири фабрики во земјата.







