После децении неуспех, дојде до голем напредок и нова ера на третман за Алцхајмеровата болест, најчестата форма на деменција. Тоа е експериментален лек „Леканемаб“. Навистина, неговиот ефект е сè уште незначителен и се зборува за неговото влијание врз квалитетот на секојдневниот живот. Сепак, во ова поле на проучувања, многумина го сметаат за пресвртница.
„Леканемаб“ делува во раните фази на болеста. Што се однесува до самиот процес, тој е насочен кон бета амилоид – супстанца што се акумулира во мозокот кај луѓето со Алцхајмер. Британскиот центар за испитување на алцхајмеровата болест објави дека резултатите од истражувањата се значајни. Еден од водечките светски истражувачи кој стоеше зад целата идеја за таргетирање на амилоид пред 30 години, проф. Џон Харди, рече дека ова е историско достигнување и дека е оптимист за лекувањето на оваа болест.
Професорката Тара Спајрс-Џонс од Универзитетот во Единбург вели дека резултатите се голема работа, бидејќи научниците долго време имале 100 отсто неуспех во истражувањето на лек за Алцхајмерова болест. Во моментов, на луѓето со оваа болест им се даваат други лекови за да помогнат во управувањето со симптомите, но ниту еден не го менува текот на болеста.
„Леканемаб“ е всушност антитело, како оние што телото ги создава за да нападне вируси или бактерии, кои треба да му сигнализираат на имунолошкиот систем да го исчисти амилоидот од мозокот. Амилоидот е протеин кој се акумулира во просторот помеѓу невроните во мозокот и формира карактеристична форма која е еден од белезите на Алцхајмеровата болест.
Опсежното истражување опфати 1.795 доброволци со рана фаза на Алцхајмерова болест. Инфузии на „Леканемаб“ се давале на секои две недели. Резултатите, претставени на конференција за клинички испитувања на Алцхајмеровата болест во Сан Франциско и објавени во стручно списание за медицина („New England Journal of Medicine“), покажаа дека тоа не е чудотворен лек. Во истражувањето учествуваа бројни институции.
Болеста продолжи да им го одзема капацитетот на мозокот на луѓето, но овој пад се забави за една четвртина во текот на 18 месеци од третманот. Податоците веќе се проценуваат од регулаторите во САД кои наскоро ќе одлучат дали „Леканемаб“ може да биде одобрен за поширока употреба.
Фармацевтските компании „Еисаи“ и „Биоген“ планираат следната година да започнат со процесот на одобрување на лекот во други земји.
Меѓу научниците и лекарите постои расправа за влијанието на „Леканемаб“ во, како што велат, „стварниот свет“.
„Се работи за мал ефект врз болеста. Не е драстично, но го прифаќам“, вели професорката Спајрс-Џонс
„Иако станува збор за скромен ефект, тој ни дава надеж дека следната генерација на лекови може да биде подобра“, истакна д-р Сузан Колхас од Британскиот научен институт за испитување на Алцхајмеровата болест.
Меѓутоа, постојат и ризици. Скенирањето на мозокот покажало ризик од мозочно крварење (17% од учесниците) и отекување на мозокот (13%). Севкупно, 7% од луѓето на кои им бил даден лекот морале да престанат да го земаат поради несакани ефекти. Клучното прашање е што се случува по 18 месеци истражување.
Д-р. Елизабет Култхард, која лекува пациенти во болницата во Бристол, вели дека луѓето во просек имаат шест години самостоен живот откако ќе започне благо когнитивно оштетување.
„Забавете го тој пад за една четвртина и тоа може да се изедначи со дополнителни 19 месеци самостоен живот, но сè уште не го знаеме точниот одговор“, рече Култхард.
Се верува дека ефективноста би можела да биде уште поголема за време на подолги истражувања. Лекот мора да се даде во раната фаза на болеста, пред да дојде до преголемо оштетување на мозокот. Тоа бара луѓето да се јават при најраните знаци на проблеми со памтењето и дека лекарите можат да ги испратат на тестови кои можат да утврдат дали се работи за Алцхајмерова болест или друга форма на деменција.
Научниците, исто така, нагласија дека амилоидот е само еден дел од сложената слика на Алцхајмеровата болест и дека не треба да стане единствен фокус на терапијата.







