Гласачите во Казахстан на референдум ги поддржаа уставните амандмани кои ги предложи претседателот Касим Жомарт Токаев, соопшти Централната изборна комисија.
Токаев ја промовираше реформата како чекор кон либерализација на оваа со нафта богата централноазиска земја, поврзана со Русија, иако клучните „алатки“ на моќ и понатаму ќе бидат во негови раце.
Аналитичарите велат дека овој референдум може да се смета како проба за неговата кандидатура за втор претседателски мандат.
Комисијата соопшти дека 77,18 отсто од гласовите на вчерашниот референдум биле за амандманите со кои се децентрализира донесувањето одлуки и му се одзима статусот „национален лидер“ на поранешниот лидер Нурсултан Назарбаев. Излезноста беше 68,06 отсто.
Токаев предложи пакет реформи по неуспешниот обид за државен удар во екот на смртоносните немири во јануари оваа година. Најголемата поранешна советска република во Централна Азија, богата со минерали и јаглеводороди, беше на почетокот на годината место на насилства во кои загинаа 230 луѓе.
Овие немири, најсмртоносните од независноста во 1991 година досега, следеа после мирните протести против поскапувањето на горивото, но се претворија во судири меѓу органите на редот и цивилите. Пред немирите, актуелниот претседател Токаев (69) се сметаше за послушник на Нурсултан Назарбаев (81), претседател кој поднесе оставка во 2019 година, задржувајќи притоа големата моќ од сенка.
Но, јануарските немири беа пресвртница, а Токаев очигледно имаше корист од кризата ограничувајќи го влијанието на неговиот претходник и со исфрлување на некои од неговите роднини од власта. Причините за немирите остануваат донекаде нејасни. Насилството го опустоши центарот на Алмати, но Нур-Султан, поранешниот Астан која беше преименуван во 2018 година во чест на Назарбаев, беше поштеден.
Токаев ги обвини „терористите“ дека сакаат да ја преземат власта. После кризата тој јавно го критикуваше Назарбаев, обвинувајќи го дека ги штити богатите.







