Самопрогласената сепаратистичка република Нагорно-Карабах денеска најави самораспуштање и распуштање на сите нејзини институции од 1 јануари 2024 година.
Указот на водачот на таа енклава, Самвел Шахрамањан, најавува распуштање на „сите владини институции и организации… на 1 јануари 2024 година“, и наведува дека како резултат на тоа престанува да постои „Република Нагорно-Карабах (Артсах)“.
Ерменските сепаратисти во Нагорно-Карабах претрпеа воен пораз за дваесет и четири часа минатата недела, заради што мораа да капитулираат пред Азербејџан, земјата од која се разделија по распадот на СССР, пред повеќе од триесет години.
Ерменија, која со децении ја поддржуваше оваа територија, овојпат не интервенираше воено, отворајќи го патот за повторна интеграција на регионот во Азербејџан.
Во советско време, Нагорно-Карабах беше прогласен за автономен регион во рамките на Азербејџан.После падот на Советскиот Сојуз, тамошните Ерменци ја отфрлија номиналната азербејџанска контрола и ја окупираа соседната територија во Првата карабашка војна.Од 1988 до 1994 година беа убиени околу 30.000 луѓе, а повеќе од еден милион беа раселени, главно Азербејџанци.
После минатонеделната победата на Азербејџан, ерменското население започна егзодус: околу 65.000 луѓе од близу 120.000 избегаа за неколку дена поради страв дека ќе бидат цел на азербејџанска репресија, и покрај ветувањата на Баку дека ќе ги почитува нивните права.
Ерменскиот премиер, Никол Пашинјан, изјави денеска дека во Нагорно Карабах повеќе нема да има Ерменци.
Во својот указ за распуштање на самопрогласената република, сепаратистичкиот водач Шахрамањан истакна дека откако ќе се знаат условите за враќање на регионот под контрола на Азербејџан, жителите и бегалците ќе можат „индивидуално да одлучат дали ќе останат или ќе се вратат во Нагорно – Карабах“.
Азербејџан покрена неколку кривични постапки против Рубен Вардањан, поранешен шеф на владата на отцепениот регион, соопшти азербејџанската служба за безбедност.

Од таму истакнаа дека Варданјан, кој беше уапсен вчера утрината, е обвинет за илегално преминување на границата на Азербејџан и за финансирање тероризам заради што е ставен во истражен затвор.







