Најмалку 14 лица загинаа, а 102 се исчезнати денеска во североисточна Индија, откако силните поројни дождови предизвикаа излевање на глечерко езеро, што пак доведе со поплави низ планинската долина, соопштија властите.
Катастрофата погоди повеќе од 22.000 луѓе, соопштија официјални лица, а станува збор за најновата во низата смртоносни временски непогоди во планините во Јужна Азија, за кои се одговорни климатските промени.
„Операции за пребарување се преземаат во услови на непрестајни дождови и надојдената река Тееста, која на многу места однесе патишта и мостови“, напиша портпаролот на Министерството за одбрана на социјалните мрежи.
Темните облаци исфрлија голема количина дожд за краток период на глечерното езеро Лонак во средата, предизвикувајќи поројни поплави по долината на Тееста, околу 150 километри северно од Гангток, главниот град на државата Сиким, во близина на границата со Кина.
Државната агенција за управување со катастрофи соопшти дека до рано утрово 26 лица се повредени, а 102 се водат како исчезнати.Реката уништи најмалку единаесет мостови.
На видеото од новинската агенција АНИ се гледа како надојдените води, кои се шират во урбаните подрачја, урнаа неколку куќи, оштетија воени бази и други објекти, а потопија бројни возила.
Одделот за временска прогноза предупреди на нови одрони бидејќи во следните два дена се очекуваат обилни дождови во делови од Сиким и соседните држави.
Другите планински подрачја на Индија, како и делови од соседните Пакистан и Непал, последните месеци беа погодени од олујни дождови, поплави и лизгања на земјиште, кои убија десетици луѓе.
Минатата година, Пакистан ги обвини климатските промени за незапамтените поплави предизвикани од историски најсилните монсунски дождови кои уништија земјоделски посеви, однесоа патишта и мостови и убија најмалку 1.000 луѓе.
(Фото: Индијска војска)







