Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, во разговор за „Скај Нус“ рече дека на украинската престолнина и се спрема вистинска апокалипса доколку продолжат руските напади.
Истакна дека не е време за целосна евакуација на населението, но предупреди дека најлошото можно сценарио не е толку далеку.
„Киев останува без струја, вода и греење. Можно е да не погоди апокалипса, исто како во холивудските филмови. На овие температури ќе биде невозможно да се живее“, нагласи Кличко, поранешниот светски боксерски шампион.
„Што да ви кажам? И понатаму се бориме и даваме се од себе за да спречиме до такво сценарио да не дојде“, додаде тој.
Најголемиот проблем, вели, е што во моментов Киев нема доволно загреани засолништа
„Подготвивме околу 500 загреани засолништа, но во град со 3,6 милиони жители ова не е ништо. За жал, ако снабдувањето со струја и понатаму биде проблематично, ќе бидеме принудени да ја испуштаме водата од зградите. На овие температури има можноста од пукање на цевките и целосно ќе се загрози снабдување со вода“, предупреди киевскиот градоначалник.
Кличко ги замоли граѓаните да ги подготват најосновните работи за можна евакуација.
„Подгответе храна, вода, документи и топла облека во случај да треба веднаш да го напуштите градот“, посочи тој.
Одговори и на прозивките на претседателот Зеленски дека Киев доволно не се подготвил за недостиг на струја и греење.
„Чудно е тоа. Имаме заеднички непријател и почнуваме да се бориме меѓу себе. Мислам дека не е време за политички конфронтации“, заклучи Кличко.







