Два дена пред истекот на рокот за поднесување кандидатури за внатрепартиските избори за претседател на СДСМ, кои треба да се одржат на 12 декември, до партиското седиште пристигнаа две кандидатури – едната на заменик министерот за финансии и член на Извршниот одбор на социјалдемократите Димитар Ковачевски, а другата на поранешната потпретседателка на партијата Фросина Ременски.
Ковачевски, заедно со кандидатурата, ја достави и својата програма.
– Согласно роковите денеска ја поднесов мојата кандидатура за претседател на партијата, заедно со мојата визија и програма – Заедно, одговорно и посветено. Програмата се базира на три столба – социјалдемократска визија и вредности на работењето, економски раст и зголемување на животниот стандард и фер шанса и јасен систем со кој најдобрите ја добиваат одговорноста и шансата, изјави вчера Ковачевски пред седиштето на СДСМ откако ја поднесе кандидатурата.
Образложувајќи ја кандидатурата, таа истакна дека цел и мотив за нејзината самокандидатутра за претседател на партија се досегашните општествено – политички и партиски активности кои ги имала во време кога СДСМ носела тешки одлуки.
Воедно, Ременски посочи дека денешниот ден има и симболика во нејзината кандидатура, бидејќи ја поднесува во време на 16-дневниот женски активизам против насилството врз жените.







