Општинската комунална инспекција од Куманово на терен ќе утврдува кој загадува и ќе преземе соодветни мерки, информира денеска градоначалникот Максим Димитриевски, одговарајќи на новинарски прашања за справување со загадувањето во Куманово. Овие мерки, потенцираше, ќе бидат преземени зимава.
„Преку надлежните општински служби ќе ги лоцираме загадувачите на територијата на нашата општина и воедно сите оние кои во гаражите, механичарските работилници и други објекти користат веќе употребено моторно масло за согорување и затоплување на самите објекти кои се енормни загадувачи, изјави Димитриевски.
Кумановскиот градоначалник рече дека загадувањето во Куманово ќе се решава преку долгорочните мерки кои беа понудени во предизборната кампања, а меѓу нив, ширење на гасификационата мрежа и дислокација на автобуската станица од сегашната локација на периферијата на градот, со што нагласи ќе се намали сообраќајот на автобусите во централното градско подрачје.
Загадувањето, дополни, произлегува и од се поголемиот број на возила, а добар дел од нив не ги исполнуваат станадардите. Куманово, подвлече, инфраструктурно е предвиден за 8.000 возила, а нивната бројка во овој период е 27.000 и постојано се зголемува.
„Во Куманово гори и согорува кој што ќе стигне, а тоа е резултат на социо-еконосмката состојба на граѓаните, општината има план и стратегија за справување на загаденоста со воздухот, изјави Димитриевски.
Тој додаде дека загадувањето во градот произлегува од користење на возила кои не исполнуваат еколошки стандарди, што се должи на социо-економската состојба во градот.







