„Па како не го знаеш тоа? Од… одовде и немој повеќе да ме зае….“, често се слуша по ходниците околу Овалната соба, а изворот на оваа врева е, наводно, ни повеќе ни помалку туку претседателот Џо Бајден, кого јавноста го знае како добродушен и помалку „изгубен“, но секогаш насмеан дедичко.
Меѓутоа, ако се суди по сведоштвата на неговите најблиски соработници, 46-от американски претседател често „го крева гласот“ и е прилично слаб со нервите, поради што неговите соработници се поретко сакаат да се среќаваат со него еден на еден; посебно кога треба да му кажат некоја непријатна вест.
Порталот „Аксиос“ пишува дека во Западното крило се проширила пракса на брифинзите на претседателот да се оди во пар, за да може другиот колега да служи како „син шлем“.
Бајден, наводно, не штеди никого, а најмалку неговите најблиски соработници.
„Воопшто не е спорно тоа дека гневот на Бајден е легендарен. Можеби не може да се спореди со оној на Бил Клинтон, но дефинитивно е многу блиску“, изјави Крис Випл, автор на книгата „Битката на животот: Поглед во Белата куќа на Бајден“, кој имаше можност да разговара со поранешни соработници на актуелниот претседател.
„Ќе знам дека сме доволно блиски и дека многу ми верувате во тој момент кога не ќе се двоумите да го кренете гласот на мене“, наводно, му рекла на Бајден, Џен Псаки, неговата прва портпаролка, после што колегите на шега и шепнале „да не се грижи, затоа што нема долго да чека за тоа да се случи“.
„Ако Бајден не почне да вика на вас на самиот почеток на соработката, слободно протолкувајте го тоа како недостаток на негово почитување кон вас“, тврдат добро упатени извори од Белата куќа, кои напоменуваат дека претседателот речиси никогаш нема ирационален бес, но дека неговите испади се речиси исклучиво поврзани со перфекционизмот во однос на приближувањето кон одредени општествени проблеми.
Бајден од неговите вработени секогаш очекува да бидат максимално подготвени и не толерира доколку им постави дополнително прашање на кое тие немаат подготвен одговор.
„Тој е многу искусен јавен службеник кој не сака да донесува суд за некој комплексен општествен проблем без да му бидат претставени сите факти врз основа на кои може да ја донесе најдобрата одлука“, објаснува Тед Кауфман, поранешен шеф на кабинетот на Бајден, кој му служел за време на неговиот мандат во Сенатот.
Кауфман, но и неколкумина блиски соработници на Бајден, тврдат дека и покрај фактот што претседателот „има темперамент“, тој сепак е еден од најдарежливите, многу сочувствителни и најтопли државници кој кон своите вработени се однесува како кон членови на најтесното семејство, заради што соработниците не ретко лојално му служат со децении.
Тие за време на нивната богата јавна служба, го усовршија т.н „Бајденов јазик“, вештина со која може значително побезболно да се преживее во неговата администрација. Тоа подразбира одлично толкување на расположението на претседателот, филтрирање на суштинските информации и предвидување дополнителни прашања што тој ќе ги постави за време на брифингот.
Интересно е тоа што неколкумина соработници на Бајден веруваат дека претседателот всушност би го подобрил својот рејтинг ако во јавноста почесто му се „испушти“ по некоја пцовка или ако им подвикне на подредените, бидејќи Американците во моментов најмногу му замеруваат поради гафовите што го прават да изгледа како да го губи патот. Со погруб пристап, тврдат тие, тој би ги покажал моќта и еланот, за кој сè поголем број гласачи сметаат дека му недостасува.
За ова да не биде единствениот пример за „отпуштање на кочниците“ од страна на Бајден, вреди да се потсетиме на гафот од јануари 2022 година, кога претседателот при интервју за Фокс њуз, не знаејќи дека неговиот микрофон останал вклучен, го нарече новинарот Питер Дуси – „глупав ку**** син“.
(Фото: ЕПА)







