Голем број на загинати и повредени во нападот на музичкиот фестивал во Лас Вегас.
Потврдена е смртта на најмалку педесет лица, околу 200 се повредени од кој дваесетина посериозно. Од полицијата во Лас Вегас велат дека во нападот се убиени и неколкумина полицајци кои не биле на должност.
Напаѓачот е идентификуван како 64 годишниот Стивен Падок, локален жител. Се уште се истражуваат причините кои довеле до нападот.
„Полицијата веднаш реагираше и отвори оган кон напаѓачот. Можам да потврдам дека тој е мртов. Ова ќе биде долга и напорна истрага и ќе помине повеќе време додека да ги откриеме причините за нападот.“ ,изјави Џо Ломбардо, Шериф на округот Кларк.
Напаѓачот отворил оган кон присутните од 32 спрат на хотелот Менделеј Беј. Нападот траел неколку минути пред полицијата да успее да влезе во неговата хотелска соба и да го убие. Во просторијата бил пронајден голем арсенал со оружје а од полицијата велат дека успеале да ја лоцираат и Марилу Денли, жената која била пријавена дека престојува во неговата соба.
Очевидци на немилиот настан пак велат дека на концертот, на кој биле присутни околу 30.000 луѓе, се слушнале стотици истрели.
„Поминаа десетина минути од концертот кога слушнавме нешто што на почеток ни звучеше како звук од петарди. Музиката продолжи но потоа повторно го слушнавме иситот звук. Музиката запре и потоа некој викна сите да легнеме на земја. По некое време луѓето станаа и почнаа да трчаат на сите страни. “
„Беше многу страшно. Успеав да ја кренам сопругата од земја кога покрај мене поминаа две лица кои носеа некого на раце. Лицето беше цело во крв.“
Полицијата во Лас Вегас преку својот пофил на Твитер побара од жителите на градот да го избегнуваат местото на несреќата….Забрането е движење по главниот булевар во градот а одредени летови кон градот се пренасочени.







