Турската полиција соопшти дека извршител на бомбашкиот напад во Истанбул е Ахлам Албашир, државјанка на Сирија. Таа е уапсена за време на полициска операција и приведена.
Турските медиуми објавија синоќа фотографија од жена за која постои сомнеж дека е вмешана во бомбашкиот напад во центарот на Истанбул, во кој загинаа шест лица, а 81 се повредени.
Од 42 хоспитализирани пациенти, пет се уште се на интензивна нега, од нив двајца се во тешка состојба.
„Лицето што го изврши нападот, сириската државјанка Ахлам Албашир, е фатена жива. При сослушувањето таа призна дека била поврзана со забранетата терористичка организација Курдистанска работничка партија (ПКК) и од нив обучена за специјален разузнавач и дека илегално влегла во Турција преку Африн-Идлиб за да ја спроведе акцијата“, соопшти истанбулската полиција.

Од друга страна, министерот за внатрешни работи, Сулејман Сојлу, утринава рече дека имаат проценка дека наредбата за акција е стигнала од Кобани и се закани со одмазда.
Во Европската унија и во САД, ПКК има статус на терористичка организација.
Бомбата експлодираше вчера околу 16.20 часот по локално време на улицата „Истиклал“, улица со бројни кафулиња, ресторани, кина и продавници.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го осуди „кукавичкиот напад“.
„Првите информации упатуваат на заклучок дека станува збор за тероризам“, рече Ердоган.
Се уште никој официјално не ја презел одговорноста за нападот.
Постојат две можности како дошло до експлозијата. Или во чантата имало механизам што се активирал, или некој од далеку го активирал механизмот. Истрагата се уште е во тек.
Раководител на ресторан во близина на местото каде што експлодирала бомбата рече дека ја слушнал експлозијата и видел луѓе како трчаат. Десетици посетители на неговиот угостителски објект, меѓу кои и жени и деца, во паника почнале да врескаат.
Човекот, кој сакаше да остане анонимен поради чувствителноста на ситуацијата, објасни дека ги затворил ролетните на ресторанот, стравувајќи дека може да се случи нова експлозија и се обидел да ги смири гостите. По околу 15 до 25 минути, ја видел полицијата и договорил гостите и вработените во мали групи да го напуштат објектот.
Авенијата „Истиклал“ беше цел на терористички напад и во 2016 година, кога бомбаш самоубиец уби четири лица, а рани 39.
Турската влада тогаш објави дека напаѓачот е поврзан со Исламска држава, но организацијата не презеде одговорност.

(Фото: АП)







