Земјотрес со јачина од 6,1 степени според Рихтеровата скала го погоди утринава индонезискиот остров Тимор, потресувајќи го главниот град на покраината, соопшти Американскиот институт за геолошки истражувања.
Земјотресот се случил на длабочина од 36,1 километар на тој остров на истокот од архипелагот, во близина на градот Купанг, каде силно бил почувствуван, јавува АФП, но засега нема информации за жртви.
Индонезиската агенција за геофизика, пак, измерила јачина од 6,6 степени.
Во Купанг е причинета голема материјална штета, оштетени се згради и куќи, а жителите панично бегале надвор, на улиците.
„Ми се заврте в глава“, вели Џери (40), жител на Купанг, кој како и многу Индонезијци има само едно име.
„Бев во шок, луѓето бегаа од своите куќи, многу се тресеше“, додаде тој.
Земјотресите и вулканските ерупции не се невообичаени во Индонезија бидејќи се наоѓа на пацифичкиот „Огнен прстен“, каде што се спојуваат тектонските плочи.
Во ноември 2022 година, во земјотрес со јачина од 5,6 степени според Рихтеровата скала на индонезискиот остров Јава загинаа 602 лица.
(Фото: ЕМСЦ)







