Од 4. до 20. ноември годинава Љубљана, Цеље, Подгорица и Скопје ќе бидат четирите градови домаќини на Европскиот шампионат во ракомет за жени. Ова е првпат Македонија да биде домаќин на едно Европско ракометно сениорско првенство.
Претседателот на Ракометната федерација на Македонија, Живко Мукаетов, денеска повика на заедничка сплотеност во организацијата на првенството за, како што напомена, да му покажеме на светот зошто ракометот е спорт број еден во државава.
„Идејата е да бидеме сите тука заедно и да покажеме дека водиме грижа едни за други. На претстојното Европско првенство очекуваме поддршка од нашиот народ за нашите девојчиња, поддршка која навистина ја заслужуваат. Мораме да покажеме дека можеме уште повеќе да направиме за мак-ракометот. Мораме да покажеме дека знаеме да направиме нешто што ќе биде светски. Да покажеме сите заедно зошто ракометот е спортот број еден во Македонија“, истакна Муакетов на средбата со новинарите.
И ЕХФ Амбасадорот на европското првенство, Гордана Нацева, го дели ставот на претседателот на ракометната федерација.
„Свесни сме колку голема работа ни се случува и што значи да се биде домаќин на ‘европско’. Не секоја држава ја има таа можност. Шампионатов се одржува во исклучително важен момент за женскиот ракомет. Ова ќе биде голем мотив и силен импулс за сите нас. Не секоја генерација има чест да игра во својата земја на големо натпреварување. Со верба во себе и помош од трибините верувам дека можеме да бидеме изненадување“, рече Нацева.







