Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан денеска соопшти дека повторно во Македонија ќе го прати експертскиот тим на ЕУ предводен од Рајнхард Прибе за да и помогне на новата Влада во спроведувањето на правосудните реформи.
Прибе ги подготви препораките од Итните реформски приоритети, после аферата со масовното следење на комуникациите во 2015 година.
„Како дел од подготвеноста на ЕУ да работи и да ја поддржи новата Влада во напорите за спроведување реформи, повторно испраќам група на независни и искусни експерти за владеење на правото, предводени од Рајнхард Прибе за да помогне и да ја советува новата Влада за системските правни прашања.
Оваа група ќе ја сочинуваат истите експерти, кои што ги пишуваа препораките поврзани со прислушувањето на комуникациите во 2015 година. Нивната работа помогна во определувањето на Итните реформски приоритети, кои беа подготвени од Европската комисија, а се дел од Договорот од Пржино“, пишува во соопштението на Хан.
Тој информира дека групата наскоро ќе ја посети земјата за да спроведе анализи за моменталната состојба врз основа на претходните заклучоци и да обезбеди препораки за идните системски реформи за прашањата за владеење на правото.
„Исто така побарав од шефот на делегацијата да разговара со новата Влада за пошироки реформи поврзани со ЕУ, со конкретни рокови и резултати, и како ЕУ да обезбеди помош и совети за да се поддржат овие реформи. Посветени сме на тоа да работиме со новата Влада, како и со опозиција, за да се врати земјата повторно на евроинтеграцискиот пат кој граѓаните го посакуваат и го заслужуваат“, пишува во соопштението на Хан.







