Илон Маск продаде уште најмалку 3,95 милијарди долари вредни акции во неговата компанија за производство на електрични автомобили „Тесла“, откако го затвори купувањето на „Твитер“ за 44 милијарди долари.
Според поднесоците до Комисијата за хартии од вредност, објавени вчера, Маск продал уште 19,5 милиони акции на „Тесла“.
Маск во 2021 година продаде акции вредни речиси 22 милијарди долари, во годината кога акциите скокнаа над 50%. Оваа година во април продаде акции за над 8, а во август приближно 7 милијарди долари.
Освен што вложи милијарди од сопствениот капитал за купување на „Твитер“, извршниот директор на „Тесла“ се потпре и на деловни партнери, вклучувајќи ги и Андреесен Хоровиц, поранешниот извршен директор на „Твитер“, Џек Дорси, и принцот Алвалид бин Талал бин Абдулазиз од Саудиска Арабија, да го финансираат бизнисот или да ги префрлат своите постоечки акции во неговата холдинг компанија за „Твитер“.
Како што претходно објави Ен-Би-Си Њуз (NBC News), сенаторот Крис Марфи повика на истрага за импликациите на уделот на Саудиска Арабија во „Твитер“ по националната безбедност, после приватниот договор на Маск.
На 9 август, Маск им кажа на обожавателите дека завршил со продажба на акции на „Тесла“ за да го финансира можното купување на „Твитер“.
Во тоа време, тој сè уште се бореше со компанијата за социјални медиуми на суд, за да излезе од договорот – што тој го предложи и се согласи во април.
Откако го затвори купувањето, Маск повлече десетици инженери од „Тесла“ во „Твитер“, за да му помогнат во прегледот на кодови и други задачи.
Во споредба со „Насдак Композит“, кој до денес „падна“ за околу 33%, акциите на „Тесла“ се намалија за 46 отсто, бришејќи голем дел од богатството на Маск.
Меѓутоа, тој и понатаму е најбогатиот човек во светот, со, според „Форбс“, нето богатство од близу 200 милијарди долари.