Лидерот на опозициската партија СИРИЗА, Алексис Ципрас, по средбата со претседателката на Грција, Катерина Сакеларопулу, побара оставка од грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, кого го нарече „премиер на прислушувањата“.
Ципрас вели дека се сретнал со Сакеларопулу за да ја изрази неговата загриженост за „прекршувањето на владеењето на правото“, а во изјавата за медиумите по средбата посочи дека „податоците од Службата за заштита на приватност на комуникациите (АДАЕ) потврдуваат дека Националната служба за разузнавање која е во одговорност на премиерот, под изговор дека станува збор за национална безбедност, ја прекршила приватноста на комуникациите и прислушувале разговори на политичари, припадници на војската, новинари и членови на раководството на вооружените сили“.
Патем, Ципрас истакна дека „премиерот на прислушувањето“, Мицотакис, мора да преземе одговорност и да си поднесе оставка.
(Извор: МИА)







